verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарски алатки на агрегаторот Grid.mk

on 23 - 07 - 2013       

Грид е еден од неколкуте агрегатори, кој презема линкови од вестите што се објавени на македонските портали. Но, покрај линкови од вести, агрегаторот содржи и неколку алатки што можат да бидат корисни за новинарите и уредниците кои работат на новинските портали, но и во другите видови медиуми.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Алатките корисни за новинарите даваат увид, и тоа пред сѐ, статистички, за тоа што, како и колку работи конкуренцијата и тоа и на нивните сајтови и на социјалните мрежи, но и квалитативен, во смисла кои вести предизвикуваат најмногу Фејсбук активности. Покрај ова, Грид нуди и статистики за сајтовите од кои агрегира вести, а кои се на албански јазик и оние од територијата на Србија.

 

Насловната страница и основните рубрики на Grid.mk

Насловната страница и основните рубрики на Grid.mk

 

СТАТИСТИКИ ЗА БРОЈ НА ОБЈАВИ

Една од најкорисните алатки се однесува на статистичките податоци за 120-те веб сајтови од кои агрегаторот собира вести. Во рубриката СТАТИСТИКИ/ОБЈАВИ ВО МЕДИУМИТЕ можете да видите редица корисни статистики. Агрегаторот објавува табела за бројот на објавените вести на македонските портали и во последните 3 дена и во последните 30 дена. И тоа не станува збор само за вкупниот број на објавени вести, туку е извршена и нивна поделба во 3 категории. Посебно се наведени објавите класифицирани како: вести, забава и спорт. Покрај ова, класифициран е и бројот на фото галериите и бројот на видео клиповите. Последните две колони од табелата го содржат вкупниот број на вести, како и Фејсбук активностите.

При прегледот на бројките веднаш може и да се види ориентацијата на различни портали. Нетпрес, на пример, нема ниту видеа, ниту галерии, ниту, пак објави од областа на забавата, но затоа најголем дел од објавите се вести и спорт. Од друга страна, пак, сосема е обратна состојбата со Хит Портал, кој има многу малку вести, но е преполн со објави од областа на забавата, видеа и фото галерии.

Сепак, највредни се податоците за вкупниот број на објавени вести каде што меѓу првите 5 речиси редовно се истите портали (Сител, Курир, Плусинфо, А1Он, Прес24), иако во последно време меѓу нив се пробива и порталот Локално. Се разбира, бројот на вестите знае да залаже. Голем број од нив можат да не бидат автохтони, односно произведени од порталот, туку агенциски (пред се, од МИА и Макфакс) или преземени од други портали. Провладините портали, особено, во голем дел се потпираат на државната агенција МИА, која ја сметаат блиска до нив и користат најголем дел од нејзините вести. Има такви во кои генералните вести (освен спорт и донекаде вестите од рубриките занимливости и забава), се во огромен број од МИА. МИА, како што се тврди во нејзините рекламни материјали, произведува по околу 350 вести и информации дневно и со тоа таа е најголем производител на вести во земјата, што и не треба да чуди со оглед на ресурсите што ги поседува.

Покрај ова, десно од табелите има и графикон со наслов ОБЈАВЕНИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ЧАСОВИ каде што можете да видите колку вести се објавени во последните 12 часа. Како што и може да се претпостави, најмногу вести се објавуваат во текот на работното време, потоа во попладневните и вечерните часови, а речиси воопшто не се објавуваат во текот на ноќта. Уште подобро би било кога овој графикон, наместо последните 12, би ги  покрил последните 24 часа за да се види вкупната динамика на објавување на вестите во период од еден ден.

 

Видови на статистики и изглед на табели

Видови на статистики и изглед на табели

 

Покрај агрегирање на вести од македонските портали, Грид агрегира вести и од порталите на албански јазик (без оглед дали се од Албанија, Косово или Македонија), како и од порталите од Србија (само од Србија, но не и оние на српски јазик надвор од Србија). Исто како што има статистики за бројот на објави на македонските сајтови, вакви статистики има и за сајтовите на албански јазик и за оние од Србија. Така, на пример, веб сервисот на албански јазик на Курир, на 22 јуни во 13 часот беше на 7 место по бројот на објавени вести, што значи дека овој веб сајт е 7 најголем веб сајт на светот по бројот на објавени вести на албански јазик со вкупно 2.357 вести во период од 30 дена.

Исто така, интересна е споредбата на бројот на сајтовите на македонски јазик, на албански јазик и во Србија со над 2.000 и над 1.000 објави во изминатите 30 дена. Еве што покажуваат бројките:

 

БРОЈ НА САЈТОВИ СО НАД 2.000 И НАД 1.000 ОБЈАВИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 30 ДЕНА

– извор Грид.мк (сите податоци на 22. Јуни 2013 година во 13.00 часот)

На македонски јазик

На албански јазик

На српски јазик

(само од Србија)

Над 2.000 вести во 30 дена

19

9

14

Над 1.000 вести во 30 дена

32

28

31

 

Бројките постојано се менуваат, но трендот е прилично конзистентен во изминатите неколку месеци. Иако сајтовите што објавуваат вести на македонски јазик работат на најмал пазар, во однос на оние на албански јазик (кои се следат и во Албанија, и на Косово, и во Црна гора, и во Јужна Србија и во западна Македонија) и во однос на оние од Србија (кои се следат и во Хрватска, и во БиХ, и во Црна Гора и во Македонија), нив ги има најмногу, барем што се однесува до оние со над 1.000 или 2.000 објави во период од 30 дена. Ова едноставно покажува дека македонскиот интернет медиумски пазар е пренатрупан.

Како што и може да се претпостави, Србија има најголеми сајтови, или поточно три сајтови (Блиц, Б92 и Курир) кои објавуваат над 200 вести дневно во просек. Во Македонија, најмногу вести во изминатите 30 дена објавил Сител – 3.864 (или по 128 вести дневно во просек), додека на албански јазик приматот го има сајтот Bota Sot со 4.206 вести во изминатите 30 дена (или по 140 вести дневно во просек).

 

ФЕЈСБУК СТАТИСТИКИ

Друга многу корисна алатка се Фејсбук статистиките. На едно место, повторно во две табели (една за последните 3, а втората за последните 30 дена), се собрани сите можни податоци за Фејсбук активностите и Фејсбук фановите на порталите. Вклучени се колони за бројот на допаѓања, споделувања, коментари, вкупниот број на сите видови Фејсбук активности, претпоследната колона го содржи вкупниот број на фанови за секој веб сајт, а последната бројот на Фејсбук корисниците кои „зборуваат“ за односната Фејсбук страна на секој конкретен портал.

Како што може да се забележи од табелата, високиот број на фанови не гарантира и висок број на Фејсбук активности. Така, на пример, Фејсбук страната на Мотика има 191.207 фанови, но во последните 30 дена до 22 јуни има само 6.125 активности. Од друга страна, Фејсбук страната на Курир со 110.988 фанови имала 101.737 активности во последните 30 дена. Курир, инаку, речиси редовно има најмногу Фејсбук активности.

Сепак, овие податоци не покажуваат некои други бројки. На пример, тие не покажуваат колку од своите вести веб сајтовите споделуваат на Фејсбук. Додека на Фејсбук страниците на Сител и Курир се споделуваат по околу 40-ина вести дневно (воглавно оние кои редакциите ги сметаат за најпопуларни), на Фејсбук страницата на Плусинфо, на пример, се споделуваат сите вести. Овие податоци, исто така, не покажуваат кои сајтови вестите ги споделуваат рачно, а кои користат посебни сервиси за споделување (овие сервиси и нивните карактеристики ќе бидат предмет на посебен напис).

До името на сајтот во овие табели има квадратче со стрелка и ако кликнете на него, ќе бидете однесени до првата страница на сајтот. Исти вакви квадратчиња со стрелки има и до бројките во рубриките ВКУПНО и ЗБОРУВААТ. Ако кликнете, пак, на нив, тогаш тие ќе ве однесат на Фејсбук страната на сајтот на кој се однесуваат овие бројки.

 

ТВИТЕР СТАТИСТИКИ

Најнова алатка на Грид се Твитер анализите. Тие не покажуваат активности на Твитер на страните на сајтовите на оваа социјална мрежа, туку ги покриваат корисниците од земјава, кои се најактивни на Твитер. Ако сте активни Твитер корисници, можете да се пријавите и цел свет да знае дека постојано го користите Твитер.

Статистиките овде се однесуваат на последните 30 дена и може да се види дека @lafillesofshe за 30 дена имал 2.383 твитови  (по 79 дневно во просек), а @TheFitzzz, пак, имал 3.035 ретвитови (по 101 дневно во просек) и слично.

Ова само по себе не алатка интересна за новинарите, освен ако не налетате на некого, кој објавува интересни твитови, кои со дополнителна работа можат да се претворат во новинарски производи, односно ако налетате на твитерџија, кој, истовремено е и добар извор.

Твитер анализите се нова опција на Грид, која сигурно допрва ќе се развива и дополнува. До секој вклучен Твитер корисник има коцкичка со стрелка и ако кликнете на неа, ќе бидете однесени на неговата Твитер страница.

 

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Следна корисна алатка е рубриката ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ. И најголемиот, најстариот и најкористен агрегатор во земјава Тајм.мк, има слична рубрика НАЈНОВИ ВЕСТИ, но не и иста. Разликата меѓу нив е што кај Тајм линковите до вестите во оваа рубрика се кластерирани, исто како и на првата страна од агрегаторот, така што не ги гледате вестите како што се објавуваат, туку кластерите кои содржат најнова вест. Кај Грид рубриката е малку поинаква. Вестите се објавуваат онака како што агрегаторот ги презел и се комплетно некластерирани, односно „сирови“ и без никаква обработка. Може да се случи 10 исти вести, објавени од 10 различни сајтови, да бидат една под друга. Ова можеби не е интересно за општата публика, но може да биде е интересно за новинарите и уредниците. Од оваа рубрика можете да видите колку сте брзи во однос на конкуренцијата, но и да видите на кои вести конкуренцијата им дава предност, како вестите ги спинуваат другите сајтови, какви наслови ставаат споредено со вашите и да добиете слика за тоа каде се наоѓа вашиот сајт во однос на брзината, сеопфатноста, насловите, па и квалитетот и објективноста.

Во ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ објавите можете да ги следите по рубрики или дури и сите вести од сите категории. Ако ги следите сите вести ќе морате постојано да висите пред компјутер, зашто тие многу брзо се менуваат, па затоа препорачливо е секој уредник да ја следи својата рубрика.

Оваа алатка ги покажува само последните 50 вести и толку. Ова е штета. За професионално следење на тоа како се објавуваат вестите на сајтовите, со која брзина, со какви наслови и кој што објавува, кој на што најмногу обраќа внимание во одредени рубрики или кои рубрики колку вести имаат, далеку подобро би било кога рубриката ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ би ги содржела вестите од последните 24 часа од секоја рубрика, наместо само последните 50 вести. Има рубрики каде што 50 вести сајтовите објавуваат за само 30 минути (тоа е, пред се, рубриката МАКЕДОНИЈА, која редовно содржи најмногу вести), но ништо подобро не е ни со рубриката ЕКОНОМИЈА каде што во работно време 50 вести сајтовите објавуваат за само 2-3 часа и потоа вестите постари од неколку часа ги снемува. Така што, ако сакате на ваков подетален начин да ја следите конкуренцијата, сопствената брзина на објавување на вести и слично, уредниците на рубриките ќе мора да ги посетуваат овие страници 2 до 3 пати во текот на работното време за да добијат поцелосна слика и тоа ако не редовно тогаш барем во деновите кога има ексклузивни вести.

Рубриката ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ е, исто така, добра за да не испуштите некоја ексклузивна вест. Ако таква се појави и ако не е во кластер со други вести, тогаш агрегаторите ќе ја стават на втората или третата страна во соодветната рубрика. Но, во ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ, таа ќе се појави како прва веднаш штом ќе биде преземена од агрегаторот. Ваквиот начин на детално следење на вестите, иако можеби изискува повеќе време, е, сепак, посигурен начин, отколку следење на објавите на сајтовите преку Фејсбук. Како што веќе спомнавме, најголем дел од нив не ги споделуваат ниту сите, ниту пак поголем дел од своите вести на социјалната мрежа.

 

НАЈПОПУЛАРНИ ВЕСТИ – ВЕСТИ СО НАЈМНОГУ ФЕЈСБУК АКТИВНОСТИ

Исто корисна алатка е рубриката ТРЕНДИ. Таа ги агрегира и прикажува вестите со минумум 100 Фејсбук активности (барем така изгледа ако се видат вестите вклучени овде со најмал број Фејсбук активности – нема ниедна со под 100 вакви активности: допаѓања, споделувања и коментари). Вестите се објавуваат според редоследот на објавување и се појавуваат кластерирани. Вклучени се вестите со најголем број Фејсбук активности во последните 3 дена, а нив можете да ги подредите и по популарност. Ова значи дека треба да се внимава пред да се залетате да преземете некоја вест која е популарна, зашто таа може да биде од пред два или три дена. Треба да се има предвид дека популарните вести во ТРЕНДИ главно не се меѓу најновите зашто за да станат популарни требало да помине време за да го добијат бројот на Фејсбук активности што го имаат.

Вестите во ТРЕНДИ не се подредени според стандардните рубрики. Не можете да ги следите вестите со најмногу Фејсбук активности од рубриката Економија, на пример. Но, тие се, сепак, поделени во три основни категории: вести, забава и спорт.

 

Изглед на рубриката ТРЕНДИ

Изглед на рубриката ТРЕНДИ

 

Рубриката ИЗВОРИ, пак, исто така може да се користи за да се откријат најпопуларните вести од конкретен портал. Од десно на секоја од страниците кои му се доделени на секој портал, во подрубриката ПОПУЛАРНИ НА FACEBOOK ќе добиете информација за тоа кои вести од конкретниот портал имаат најмногу Фејсбук активности во последните 72 часа. За жал, при првична анализа може да се забележи дека Грид однапред определил колку од најпопуларните вести (и директни линкови до нив) ќе прикаже на страните за секој свој извор, односно портал. Најчитаните (како Курир и Плусинфо) имаат линкови до 7 вести со најмногу активности, за Бриф има отстапено линкови за 5 вести со најмногу активности, додека за Утрински, на пример, однапред е определен простор само за една вест со најмногу Фејсбук активности.

 

СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИ РУБРИКИ

Груд има и неколку специјализирани рубрики кои можат да бидат интересни за медиумите.

Агрегаторот, покрај вести агрегира и колумни во посебна рубрика, па, ако ве интересира што најмногу се коментира и за што се полемизира во јавноста и кои се оние аналитичари и коментатори што пишуваат вакви видови на написи, рубриката колумни е место каде што можете најбрзо да откриете.

Потоа, Грид објавува берзански информации во интересен формат. За разлика од стерилните табели што секојдневно ги објавува Берзата, овде податоците се по компании. Секој ден се објавуваат тековните тргувања од тој ден, а ако кликнете на линкот ПРЕТХОДНИ ТРГУВАЊА ќе добиете преглед на актуелните цени на акциите што котираат на Берзата, но со кои не се тргувало конкретниот ден. Во секоја рубрика на агрегаторот има подрубрики, кои за некои колеги можат да бидат интересни ако се совпаѓаат со нивната специјализација. Спортската рубрика има голови и фудбалски резултати, рубриката ЗАБАВА исто има редица подрубрики, новата рубрика ОБРАЗОВАНИЕ има сѐ што ве интересира за образованието и слично.

Груд, покрај сајтови, следи и ограничен број на блогови. Блоговите , како што е познато, можат да бидат одлични извори на вести. Тие се главно специјализирани за некоја област која помно ја следат и за многу работи први пишуваат. Ако сакате да го пријавите Вашиот блог, тоа можете да се обидете да го сторите, но искуствата говорат дека бројот на блогови што ги агрегира Грид е ограничен.

 

АПЛИКАЦИИ

Покрај стандардните iPhone и Android апликации Грид има бесплатна апликација наменета за пребарувачот за Google Chrome (GRome Latest News – линк за преземање). За што станува збор. Ако го користите овој интернет пребарувач, откако ќе ја инсталирате оваа апликација, нејзината икона секогаш стои во горниот десен ќош и на секое кликнување на неа се појавуваат најновите вести (или од сите рубрики или од рубрика по ваш избор).

 

Изглед на Google Chrome апликацијата GRome Latest News

Изглед на Google Chrome апликацијата GRome Latest News

 

Ова е многу корисно кога нешто работите подолго време и сакате само набрзина да проверите дали нешто важно се случило. Тоа можете да го сторите само со еден клик при што ќе се отвори прозорец кој ќе ви ги покаже насловите на последните 50 вести на кои можете да кликнете и да ја отворите веста без да треба да одите преку насловната страна на агрегаторот. Ако нема, пак, ништо интересно, тогаш можете да продолжите со она што го работите сигурни дека не сте испуштиле ништо важно.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести